Свет Утре пристига хуманитарната помош за сирискиот град Мадаја

Утре пристига хуманитарната помош за сирискиот град Мадаја

Светската програма за храна (ВФТ) денеска соопшти дека помошта за сирискиот град Мадаја, кој е под опсада, треба да пристигне утре наутро, јавува „Би-Би-Си“.

Во конвојот, според ВФТ, ќе има доволно храна и лекови за еден месец за околу 40.000 луѓе во Мадаја, град во близина на границата со Либан, кој е под контрола на бунтовниците.

Страдањето на жителите на Мадаја го привлече вниманието на светската јавност по фотографиите со тешко прегладнети луѓе. Тамошните жители умираат од глад, а според некои извештаи, некои од нив ги јадат домашните миленици и трева за да преживеат.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, околу 4,5 милиони луѓе во Сирија живеат на тешко достапни подрачја, вклучително и околу 400.000 лица во 15 опколени локации кои немаат пристап до никаква хуманитарна помош.

В понеделник, помош треба да добијат уште два града, Кефраја и Фоја, на северот на Сирија, кои се под контрола на владините сили. Се проценува дека станува збор за околу 30.000 луѓе.

Повеќе од 250.000 лица ги загубија своите животи, а повеќе од 11 милиони Сиријци беа принудени да ги напуштат своите домови по избувнувањето на судирите меѓу владините сили, верни на претседателот Башар ал-Асад и бунтовниците, пред пет години, како и поради нападите на терористичката група Исламска држава.