Македонија Утре граѓански протест за интерпелација на Никола Тодоров

Утре граѓански протест за интерпелација на Никола Тодоров

Пред Собранието на Република Македонија, утре, со почеток во 18 часот, ќе се организира протест на кој граѓаните ќе побараат пратениците да гласаат за разрешување на министерот за здравство, Никола Тодоров.

„Мора да има одговорност за системот кој убива, наместо да лечи! Да му кажеме на министерот „Смрт“ дека дојде времето да ја понесе одговорноста и самиот да си замине од оваа одговорна функција. Воедно, сакаме да ги охрабриме и пратениците од власта да гласаат за оваа интерпелација, со што ќе спречат нови жртви во здравството и ќе покажат дека навистина се залагаат за едно модерно и ефикасно здравство. Затоа Ве повикуваме сите вас, граѓани на Република Македонија, на граѓански протест за интерпелација на Никола Тодоров“, се вели на фејсбук-најавата за протестот.

Интерпелација на Тодоров побара пратеничката група на СДСМ по смртта на двете родилки на крајот на октомври. Тие побараа одговорност од Тодоров за системските проблеми и за целокупниот хаос во здравството што резултира со трагични последици врз граѓаните.

Од Министерството за здравство преку писмена реакција му се заблагодарија на СДСМ за, како што велат, укажаната можност Собранието да се соочи со аргументите за состојбата во болниците во минатото и денес.