Македонија Усвоена заедничка изјава за безбедност на новинарките

Усвоена заедничка изјава за безбедност на новинарките

Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, кажа дека прогресот единствено може да биде постигнат со инклузивност, а тоа значело дека мора да се удвојат напорите против родово-базираното насилство, онлајн и офлајн

Фото: Порталб.мк

Четириесет и шест од вкупно 57 земји членки на ОБСЕ, денеска се согласија на заедничка изјава за безбедност на новинарки, во која е наведено дека како приоритет ќе биде ставено клучното прашање за безбедноста на новинарките на интернет и на меѓународната сцена. На крајот на триесеттиот Министерски состанок на ОБСЕ, односно на третата пленарна седница, министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, кажа дека прогресот единствено може да биде постигнат со инклузивност, а тоа значело дека мора да се удвојат напорите против родово-базираното насилство, онлајн и офлајн.

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро, на настанот истакна дека ако нема пристап до јавно место и право на изразување, тогаш демократијата и плурализмот не ја постигнале целта.

„Има многу новинарки кои што се под константен притисок и се самоцензурираат или ја напуштаат професијата, што значи дека го губиме гласот и влијанието врз демократијата и плурализмот е повеќе од очигледно“, кажа Рибеиро.

Во изјавата е наведено дека како приоритет ќе биде ставено клучното прашање за безбедноста на интернет за жените новинарки и на меѓународната сцена и во соодветните национални контексти кое ќе биде постигнато преку неколку чекори, како што е приспособување на родова перспектива, обрнување внимание на повеќекратните и вкрстени форми на дискриминација.

„Jа нагласуваме виталната важност од поддржување на слободата на медиумите, усвојување на родова перспектива во нашиот пристап за почитување, заштита и исполнување на правото на слобода на изразување, како и зајакнување на психолошката и физичката безбедност на новинарите, и офлајн и онлајн“, стои во изјавата.