Македонија Уставниот суд оформи предмет за законските измени поврзани со коридорите и „Бехтел...

Уставниот суд оформи предмет за законските измени поврзани со коридорите и „Бехтел и Енка“

Од Хелсиншкиот комитет, од каде ја поднесоа иницијативатам сметаа дека со законските измени се доведуваат до нееднаков третман работниците од исти и од различни гранки, а отсуството на законска рамка која ќе го регулира прогласувањето на одредени проекти од „национално или стратешко значење“ доведува до правна несигурност

Фото: Уставен суд на РСМ

Уставниот суд на денешната седница формираше предмет врз основа на иницијативата на Хелсиншкиот комитет, кој пред еден месец побара да се оцени уставноста и законитоста на членовите 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (ЗРО), поврзани со реализацијата на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Од Хелсиншкиот комитет сметаа дека со законските измени се доведуваат до нееднаков третман работниците од исти и од различни гранки, а отсуството на законска рамка која ќе го регулира прогласувањето на одредени проекти од „национално или стратешко значење“ доведува до правна несигурност и широко поле за злоупотреби.

Хелсиншки комитет со иницијатива до Уставен за законските измени поврзани со „Бехтел и Енка“

„Дополнително оспорениот член со кој се предвидува исклучок од траењето на прекувремената работа подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно за работење на проекти од стратешко и национално значење според подносителите создава правна несигурност и простор за толкување и манипулација со вкупното времетраење на прекувремената работа без да се утврди горна граница“, стоеше во иницијативата.

Предметот е предаден на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка.

Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница.

Освен за овој предмет, Уставниот суд оформи предмет и по иницијативата на адвокатката Сузана Јошевска и граѓанската иницијатива „Шанса за Центар”, во која се тврди дека оспорената одлука за конкретни измени на ДУП Буњаковец 2 е во спротивност со Генералниот урбанистички план.

Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесената одлука за ДУП е во спротивност со владеењето на правото содржано во членот 8 од Уставот, како и дека е во спротивност со членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање.