Македонија Уставниот суд не поведе постапка за Преспанскиот договор

Уставниот суд не поведе постапка за Преспанскиот договор

Одлуката била донесена едногласно од сите уставни судии

Фото: Уставен суд

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска на прес-конференција соопшти дека судот решил да не поведе постапка за иницијативата од Тодор Петров, претседател на Светски Македонски Конгрес, Ивица Ефремов, Стив Ангеловски, Солза Грчева и Томе Тодоровски за поништување на Указот за Преспанскиот договор и самиот Преспански договор.

Одлуката била донесена едногласно од сите уставни судии.

Уставниот суд не навлегувал во содржината на договорот, бидејќи судиите немаат таква надлежност, па е отфрлена иницијативата во врска со договорот.

Во врска со Указот, исто така иницијативата е отфрлена.

„Уставниот суд цени дека Указот не содржи правни норми, не е пропис и е дел од процедурата, и кога Уставниот суд укинува или поништува закон, указот не се укинува посебно. Во поширок контекст на духот на уставот, волјата на пратениците се персонифицира со волјата на граѓаните, наспроти волјата на само еден човек“, рече Кацарска.

Судијата-известител Насер Ајдари ја образложи иницијативата на Петров, според која Преспанскиот договор не важи бидејќи Указот наместо со тој на Иванов стапил на сила со потпис на собранискиот спикер Џафери, а самата спогодба со Грција е ништовна бидејќи била во спротивност со меѓународното право на самоопределување на народите.

Иванов бил должен да го потпише Указот, смета Ајдари, бидејќи по првото искористување на т.н џебно вето од страна на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, договорот бил повторно бил изгласан.

„Договорот од Преспа не е за стапување или истапување од други сојузи, што значи дека е во согласност со Уставот. Претседателот на државата има можност на едно враќање на законот, и ако по втор пат е изгласан, како што е во случајот со 69 гласа ЗА, тој е должен да го потпише Указот. Нема право да избира дали ќе го потпише или не“, рече Ајдари.

Иницијативата е поднесена во 2019 година по изгласувањето на Преспанскиот договор.