Македонија Уставниот суд денеска ќе одлучува за графата националност во упатството за издавање...

Уставниот суд денеска ќе одлучува за графата националност во упатството за издавање изводи

Уставниот суд за ова упатство самоиницијативно поведе постапка за оценување на уставноста, а претседателката на судот Добрила Кацарска на брифинг со новинарите рече дека според неа, тоа е неуставно и незаконски

Фото: Министерство за правда

Уставниот суд на денешната седница ќе одлучува дали ќе поведе постапка за Упатството за издавање изводи, во која се воведува графа за национална припадност. Уставниот суд за ова упатство самоиницијативно поведе постапка за оценување на уставноста, а претседателката на судот Добрила Кацарска на брифинг со новинарите рече дека според неа, тоа е неуставно и незаконски.

„Овој предмет е формиран согласно деловничките одредби кои даваат овластување на Уставниот суд и сам да поведе постапка за оценување на уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт. Состанокот се одржа на предлог на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска и присуствуваа сите судии“, изјавија од Уставниот суд кон крајот на минатиот месец.

Министерот за правда Кренар Лога на 29 мај годинава го потпиша Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи каде ќе стои графа за етничка припадност. Упатството требаше да почне да се применува од 1 јануари 2024 година.

Неговата претходничка, професорката Рената Дескоска, вчера на својот профил на Фејсбук напиша дека одлуката на Уставен суд да почне постапка е добра вест, а законот е испочитуван бидејќи тој предвидува националност во матичните книги, но не во изводот. Таа напиша дека изводот не мора да ги содржи сите податоци од матичната книга, а етничката припадност спаѓа во групата на „сензитивни“ податоци кои подлежат на посебна заштита согласно правилата за заштита на лични податоци.

„Други такви податоци се податоци за религиозна припадност, политичка определба, здравствена состојба, сексуална ориентација и сл. Нашата држава е потписник на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци, а јас лично во декември 2019 го потпишав и Протоколот за нејзина измена со кој дополнително се зајакнува заштитата на овие чувствителни податоци. Тој Протокол е ратификуван во Собранието во јуни 2021 и е задолжителен за нас. Според уставните одредби, меѓународните договори што се ратификувани согласно со уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон. Уште помалку со упатство. Значи нашиот устав ги става меѓународните договори под уставот, но над законите. Согласно ова, јас очекував дека надлежното министерство ќе предложи измена на Законот за матична евиденција, заради усогласување со меѓународните обврски, а не измена на упатството за примена на законот“, напиша Дескоска.

По овој статус, министерот Лога до медиумите ги испрати новите изводи на родени со графа националност.

„Упатството не се коси со законите, туку е во согласност со Законот за матична евиденција. Националност во матичната книга на родените се предвидува во членот 4, на венчаните во членот 11 и на умрените во член 13 од Законот за матична евиденција“, напиша Лога.

Потоа, тој на својот профил на Фејсбук сподели речник на македонскиот јазик од професорот Зозе Мургоски, во делот каде што е објаснет зборот националност.