Македонија Условни казни за уште двајца демонстранти за демолирањето на канцеларијата на Иванов

Условни казни за уште двајца демонстранти за демолирањето на канцеларијата на Иванов

Кривичниот суд на денешното рочиште им одреди условни казни на Никола Аризанов и Филип Наковски, кои беа обвинети дека учествувале во демолирањето на народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, за време на протестите против аболицијата на 13 април, оваа година.

Аризанов и Наковски ја признаа вината за делото учество во толпа која ќе стори кривично дело. Тие додадоа дека на протестите биле поради револт од аболцијата, но дека не протестирале насилно.

Судијката Весна Петровска – Тагасовска на Аризанов му одреди условна казна од 6 месеци доколку во рок од две години не стори друго кривично дело, а на Наковски условна казна од 12 месеци, ако во рок од три години не стори ново кривично дело.

На обвинетите судот им го укина куќниот притвор во кој тие се наоѓаа повеќе од еден месец.

Во средата, оваа недела судот за истото дело на студентот Борјан Ефтимов му одреди условна казна од 3 месеци.

Судскиот процес против членовите на Левица, Здравко Савески и Никола Куновски, кои исто така се товарат дека учествувале во демолирањето на канцеларијата, сè уште не е завршено и на два пати се одложува бидејќи адвокатите на одбраната го немаат добиено вештачењето за направената штета. Савески и Куновски остануваат во куќен притвор, кој вчера им беше потврден и од Апелацискиот суд.