Македонија Уште двајца македонски бизнисмени во документите од Панама

Уште двајца македонски бизнисмени во документите од Панама

Саво Станковиќ и Џон Јоновски се сопственици на фирми регистрирани во Панама, објави истражувачкиот тим на „Нова ТВ“.

Саво Станковиќ е сопственик на македонската компанија „Хајтек корпорејшн“, произведувач на микронски печатени плочи, која почна како мал фамилијарен бизнис, а денеска е успешна компанија која оперира на европскиот и на американскиот пазар. Името Саво Станковиќ се појавува во документите од Панама кои протекоа од адвокатската канцеларија „Мосак Фонсека“, како директор на компанијата „Мисано инк“, која е основана во 2002 година на Сејшели.

Џон Јоновски, пак, е директор на компанијата „Планкс капитал инк“, исто така регистрирана на Британските Девствени Острови.

Јоновски давал интервјуа за медиуми како основач и менаџер на „Фаланга капитал“, како и дека негови заслуги се голем број трансакции, вклучувајќи ја и деби-еврообврзницата на земјата на меѓународните пазари на капитал. Тој е член на управниот одбор на Винарската визба „Тиквеш“ во сопственост на Светозар Јаневски, а бил и советник во владата на Владо Бучковски.