Македонија Уште два нови случаи на ХИВ/СИДА во Штип

Уште два нови случаи на ХИВ/СИДА во Штип

Во Центарот за јавно здравје од Штип неодамна стигнале пријави од Клиниката за инфективни болести од Скопје, за два нови случаи на заболени со ХИВ/СИДА од Штип. Се работи за маж и за жена од 21 и од 34 години. Во јавноста не се соопштува за начинот на кој била пренесена болеста. Заболените се тестирале на Клиниката во Скопје, иако можноста за бесплатно тестирање ја имаат и во Штип.

Со ова бројката на заболени од оваа смртоносна болест во Штип се искачи на четворица. За епидемиолозите загржувачки е фактот што новозаболените се регистрирани за период од само една година.

Во универзитетски Штип студираат 17.000 студенти, меѓу кои и студенти од странство. Истражувањата покажале дека дури 30 отсто од младите штипјани немаат основни познавања за сексуално преносливите болести. Во едно истражување на невладината „Хера“, 34,8 отсто од младите не користеле презерватив при последниот сексуален однос.

Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје од Штип денеска уште еднаш повикаа на задолжително кристење презерватив, како превенција од ХИВ/СИДА.