Економија УСАИД ќе ги поттикне македонските компании да соработуваат меѓу себе

УСАИД ќе ги поттикне македонските компании да соработуваат меѓу себе

Проектот на Агенцијата за интернационален развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД) за микро и за мали претпријатија беше домаќин на тет-а-тет вмрежување меѓу компании од југозападниот, источниот и од североисточниот регион, Пелагонија, Полог и од Скопје.

На овие бизнис-средби, претставниците на компаниите имаа можност да се запознаат едни со други, да ги претстават своите производи и услуги и да разговараат за потенцијални бизнис-соработки.

– Вмрежувањето е многу важен сегмент во бизнисот. Денеска ќе сретнете претприемачи од други делови на земјата, ќе размените искуства и идеи, ќе сретнете потенцијални партнери. Релациите што ќе ги воспоставите, сега можеби ќе ги сметате за привремени, но нашето искуство покажува дека е голема можноста да се развијат во продуктивни, долготрајни бизнис-релации – изјави менаџерката од канцеларијата на УСАИД за економски развој, Татјана Марковска.

Почнат од УСАИД во јули 2011 година, сега кофинансиран од Владата на Швајцарија, проектот за микро и за мали претпријатија, во вредност од 3.079.400. 000 долари е петгодишен проект за поддршка на микро и на мали бизниси преку тренинг, вмрежување, менторство, консалтинг, поддршка на извозот и пристап до инвестициски фонд.