Македонија Универзитетски Штип не го одбележува денот на студентите

Универзитетски Штип не го одбележува денот на студентите

Меѓународниот ден на студентите не се одбележува во универзитетскиот град Штип.

Според претседателот на Студентскиот парламент, Горан Стаменков, причината за ова е затоа што поголемиот дел од раководството на организацијата сè уште е во странство преку програмите за размена.

Оние студенти што денеска сакаа да зборуваат јавно, се пожалија на студентскиот стандард, побараа поголема отчетност во трошењето на нивните пари и поголема активност на Студентскиот парламент. Побараа и изградба на студентски дом, ветување старо колку што постои и универзитетот.

Велат дека плаќаат многу, а добиваат лоши соби по приватните куќи, како и дека Штип е студентски град, ама без современ студентски дом.

– Секој семестар плаќаме за Студентски парламент, а не ни знаеме што прават, кои се и каде одат нашите пари. Морам да патувам секој ден до Виница бидејќи така трошокот ми е помал отколку да плаќам по 50 евра за кревет – се жалат.

Засега има само одредена локација за изградба на студентски кампус во Штип. Последната најава од премиерот Никола Груевски е дека Владата планира изградба на три нови студентски дома, но ниту еден од тие три не е во Штип.

Што се однесува до Студентскиот парламент, актуелниот претседател, кому му е истечен мандатот, заработи кривична пријава од полицијата поради сомневање дека ги проневерил студентските пари. Надежите се свртени кон новото раководство, кое треба да се избира во јануари следната година.