Македонија Универзалната сала ќе ја гради Министерството за култура, а потоа ќе ја...

Универзалната сала ќе ја гради Министерството за култура, а потоа ќе ја врати во надлежност на градот

За првпат оваа иницијатива пред четири месеци се најде на дневен ред на седница на Советот, но тогаш не беше изгласана оти мнозинството советници сметаа дека Градот сам треба да ја продолжи обновата

Фото: Архива на Мета.мк

Советот на Град Скопје денеска ја прифати иницијативата да му се отстапи корисничкото право на објектот Универзална сала на Министерство за култура. По изградбата, тоа треба да го врати објектот во надлежност на градот.

Советот ја задолжи градоначалничката Данела Арсовска и нејзините служби во рок од седум дена да изготват и предлог-одлука за префрлање на ингеренциите околу обновата на салата.

Страшо Ангеловски, претседателот на комисијата за култура, кажа дека за шест дена се одбележуваат 60 години од земјотресот, а Универзалната сала е симбол на солидарноста, во чија изградба помагала 41 држава.

„Очигледно дека град Скопје нема можности да ја изгради салата, но од друга страна нема доверба дека Владата тоа може да го стори. Затоа по вторпат се сретнав со министерката за култура и добив уверување дека сериозно ќе се зафати со реализација на овој проект“, рече Ангеловски.

Оваа иницијатива пред четири месеци првпат се најде на дневен ред на седница на Советот, но тогаш не беше изгласана, оти мнозинството советници сметаа дека Град Скопје сам треба да ја продолжи обновата.