Македонија УНИЦЕФ промовираше извештај „Профил на детската популација во РСМ“

УНИЦЕФ промовираше извештај „Профил на детската популација во РСМ“

Политиките и програмите за деца што се потпираат на податоци може да влијаат врз буџетските одлуки што водат кон заштеда на трошоци и оптимално искористување на ресурсите за секое дете, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ

https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/d/d1/Flag_of_UNICEF.svg

Државниот завод за статистика и УНИЦЕФ го промовираа извештајот „Профил на детската популација во Република Северна Македонија“, во кој за првпат во една публикација се собрани сите достапни статистички податоци за децата во земјата.

На денешната панел-дискусија, учесниците покренаа прашања за тоа колку е важно националните чинители да ја подобрат способноста за собирање, толкување и изработка на расчленети податоци за децата и креирање политики за деца базирани на докази.

„Политиките и програмите за деца што се потпираат на податоци може да влијаат врз буџетските одлуки што водат кон заштеда на трошоци и оптимално искористување на ресурсите за секое дете“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Таа кажа дека развивањето политики чија цел е унапредување на детската благосостојба, налага солидна база на информации за повеќе домени од животот на децата, вклучувајќи го физичкото и менталното здравје, социо-емоционалниот развој, учењето и образовните резултати.

Марина Мијовска, советничка во Државниот завод за статистика, рече дека во иднина соработката со УНИЦЕФ, како и сознанијата за меѓународните практики во оваа област, може да отворат нов правец во развојот на статистиката и да овозможат достапност на податоци за децата на едно место.

Публикацијата „Профил на детската популација во Република Северна Македонија“ ги обединува податоците за децата од пописот од 2021 година и административните податоци изработени од државните институции за низа области, вклучително и за деца во алтернативна грижа; деца кои примаат социјална помош и услуги; а меѓу другото и детски бракови и раѓања кај малолетни мајки. Извештајот обезбедува податоци собрани на едно место за состојбата на децата, како и увид во идните трендови, со цел да ѝ се помогне на владата при изработка на политики засновани на докази.