Свет УНХЦР: Годинава рекорден бројот на бегалци и на раселени лица во светот

УНХЦР: Годинава рекорден бројот на бегалци и на раселени лица во светот

Бројот на лицата што годинава биле принудени поради војна или насилство да ги напуштат своите домови го надминал минатогодишниот рекорд од речиси 60 милиони лица, соопштија денеска Обединетите нации.

„Со речиси милион луѓе кои оваа година го преминаа Медитеранот како бегалци и мигранти и со конфликтите во Сирија и во другите делови од светот, кои продолжуваат да предизвикуваат нови загрижувачки човечки страдања, 2015 година веројатно ќе ги надмине сите претходни рекорди кога станува збор за присилно глобално раселување“, стои во извештајот на УНХЦР.

Минатата година бројот на раселени порасна на 59,5 милиони лица во светот, а во најновиот извештај се наведува дека оваа бројка годинава ќе надмине 60 милиони, имајќи предвид дека во првата половина од годинава, период кој го покрива извештајот, забележан е рекорден број бегалци, баратели на азил и интерно раселени лица.

Според статистиката, на секои 122 лица на светот едно е принудено да го напушти својот дом, велат од УНХЦР.