Свет Европа Украина се подготвува за 1 Октомври – Денот на бранителите

Украина се подготвува за 1 Октомври – Денот на бранителите

Всушност, в недела првпат ќе се одбележи Денот на бранителите на нов датум. Овој ден е посветен на сите што се бореле за Украина и го дале својот живот за земјата

Украинска единица за противвоздушна одбрана. Фото: ukrinform.net

Со едноминутен молк, цела Украина в недела, 1 октомври, ќе го одбележи Денот на бранителите на татковината со едноминутен молк.

Настанот го најави украинскиот претседател Володимир Зеленски на својата официјална страница на Фејсбук, пренесува украинската новинска агенција ukrinform.net.

„9 часот претпладне, 1 октомври. Централните плоштади и улици на украинските градови. Минута чест. Минута молк. И вечност на сеќавањето на нашите паднати бранители“, напиша шефот на украинската држава.

Всушност, в недела првпат ќе се одбележи Денот на бранителите на нов датум. Овој ден е посветен на сите што се бореле за Украина и го дале својот живот за земјата.

„Се надеваме дека ова ќе стане нашата нова традиција“, порача Зеленски.

Верховна Рада, односно парламентот на Украина, на 14 јули годинава ги смени датумите на три празника, од коишто најбитниот – Божик, наместо на 7 јануари според актуелниот календар, ќе се празнува на 25 декември, а Денот на државноста на 15 јули наместо на 28 јули. Денот на бранителите е поместен од 14 октомври на 1 октомври.

Инаку, војната во Украина продолжува и во изминатово деноноќие. Во регионот Харкив, руските сили нападнале пет области со артилериски оган, при што е повреден еден 65-годишен маж, цивил. Предизвикани се бројни материјални штети и пожари.

Напади се вршени и на други подрачја во изминативе 24 часа, јавува Укринформ. Во регионот Суми на северистокот на Украина бил отворен оган во три наврати врз населени места. Русите извршиле ракетни напади и врз Миколаивка во Херсонскиот регион.