Свет Европа Украина напредува на исток, московски аеродроми со ограничени летови поради напади со...

Украина напредува на исток, московски аеродроми со ограничени летови поради напади со дронови

Во меѓувреме, продолжуваат руските напади врз територијата на Украина

Од борбите во близината на Бахмут | Фото: Укринформ (20.05.2023)

Украинските сили ги одбиваат руските напади и зазедоа неколку квадратни километри на источниот фронт во текот на изминатата недела, изјави утрово заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малиар, а пренесува Гардијан.

Малиар рече дека украинските сили напредуваат јужно од Бахмут – градот окупиран од руските сили во мај по крвава повеќемесечна борба. Заменик-министерката тврди дека во текот на минатата седмица биле ослободени уште три квадратни километри.

Зборувајќи за украинската национална телевизија, Малиар рече дека Русија напаѓа кон Купијанск, град во областа Харков, каде ситуацијата била тешка.

„Ние сме сигурни во нашите бранители, но таму им е многу тешко и непријателот не напредува таму“, рече Малиар.

Инаку, московскиот аеродром Домодедово ги ограничи полетувањата и слетувањата, објавија утрово руските новински агенции, пренесува Гардијан.

„Чекорот е преземен со цел да се обезбедат дополнителни мерки за безбедност на летовите“, пренесуваат Тасс и РИА Новости.

Ројтерс известува дека денеска биле суспендирани летови од и кон аеродромот Внуково во Москва, откако украинско беспилотно летало се движело над московскиот регион.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека спречило напад со украински дрон врз московскиот регион, но нема информации за жртви. Во соопштението на министерството се вели дека дронот бил потиснат со електронска артилерија и дека се урнал во областа Одинцово, југозападно од главниот град.

Во меѓувреме, продолжуваат руските напади врз територијата на Украина.

Според украинската државна новинска агенција Укринформ, руските сили вчера го гранатирале регионот Запорижја 92 пати, при што загинал 61-годишен маж при гранатирањето на Шајрохе во областа Полохи, а повредени биле уште две лица.

Во нападите врз Херсон загинале две лица, а уште три биле повредени. Седуммина повредени има и во нападите што руските сили ги извршиле врз Донецкиот регион вчера.