Подглавна секција Украина и Молдавија ќе започнат со преговори за членство во ЕУ

Украина и Молдавија ќе започнат со преговори за членство во ЕУ

Сите земји членки го одобрија отворањето на преговорите, што значи дека Унгарија го повлекла своето вето за члнество на Украина

Фото: Dušan Cvetanović from Pixabay

Амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) се согласија формално да започнат евроинтеграциските преговори за Украина и Молдавија. Преговорите ќе започнат на 25 јуни, пренесува Ројтерс.

Отворањето на преговорите значи дека Унгарија го повлекла своето вето за членство на Украина во ЕУ. Ставот на Унгарија, која има блиски односи со Русија, досега беше дека Украина не ги исполнува потребните услови за да започне преговори за влез во ЕУ.

Европската Комисија минатата недела потврди оти Украина ги исполнува сите услови за да стане членка на ЕУ.

„Благодарен сум на сите во нашиот тим кои неуморно работеа за да го реализираме овој историски чекор. Милиони Украинци ќе имаат прилика да остварат својот европски сон. Украина се враќа во Европа, каде што и припаѓа со векови, како полноправна членка на европската заедница“, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалната мрежа Х.