Економија Украина го потврди договорот за слободна трговија со Македонија

Украина го потврди договорот за слободна трговија со Македонија

Предвидено е во земјава без царина да се увезат масло од сончоглед, чоколади, супи и чорби, конзервиран зеленчук и вино

Фото: Мета.мк

Украина го промени механизмот на царинење на стоки што подлежат во рамките на договорот за слободна трговија со Северна Македонија, јавува Укринформ. Украинското Министерство за економија информираше дека на владина седница била усвоена резолуција, со која се менува механизмот на царинење на стоки што подлежат на лиценцирање во рамките на договорот за слободна трговија меѓу Украина и Република Северна Македонија.

Со усвоената резолуција, особено се менува механизмот на царинење на земјоделски стоки. Отсега, субјектите на странска економска активност не треба да добиваат дозвола за увоз на стоки од Северна Македонија во рамките на царинската квота.

Распределбата на тарифните квоти согласно договорот, објаснуваат од Министерството за економија, царинските органи ќе ја вршат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Либерализацијата на трговијата со Северна Македонија ја зајакнува позицијата на украинските производители во европските и глобалните синџири на додадена вредност.

Инаку, Министерството за економија на 4 јули годинава ја објави Листата на земјоделски производи со потекло од Украина за увоз во Република Македонија за 2023 година со нула царински давачки во рамките на тарифните квоти, а бесцаринските квоти важат од 6 јули годинава до 30 септември. Предвидено е без царина да се увезат масло од сончоглед, чоколади, супи и чорби, конзервиран зеленчук и вино.