Ctrl - Z Учениците од „Илија Николовски Луј“ со концерт го одбележаа патронатот на училиштето

Учениците од „Илија Николовски Луј“ со концерт го одбележаа патронатот на училиштето

Фото: Мета.мк

Инспиративни изведби кои беа наградени со громогласни аплаузи, имаа вчера учениците од Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски Луј“. Настапите на учениците од сите оддели не оставија никого рамнодушен во преполната сала на Филхармонијата каде што се одржа свечениот концерт по повод патрониот празник на училиштето, кое одбележа 77 години постоење.

„Она што синоќа го видовме е труд, трпение и посветеност на сите оние кои се дел од сцената. За да се застане таму, треба да се поседуваат сите овие квалитети. Идејата на овој настан е да земат учество што поголем број млади уметнци“, вели директорката на училиштето, Даница Стојанова.

На сцената синоќа можеше да се забележи ентузијазмот на младите уметници, кои покажаа дека макотрпно вежбале и работеле со своите наставници. Како што вели директорката Стојанова, има ученици кои и речиси целиот ден го поминуваат на училиште во вежбање.

„На сцена опстануваат најталентираните и најдисциплираните и оние кои вистински ја љубат оваа работа. Затоа треба да ги разграничиме професионалниците кои продолжуваат во уметноста и симпатизерите кои завршуваат во „Луј“ а продолжуваат во друг правец“, додава директорката.

На концертот синоќа настапи имаа учениците од детскиот хор „Пиколо“, хорот од средниот оддел на училиштето, камерниот гудачки оркестар, учениците од балетскиот оддел – класичен и модерен, симфонискиот оркестар, ученици од насоката за традиционална музика и игра.