Главна секција Уапсени уште пет лица за обидот за убиство на Зијадин Села на...

Уапсени уште пет лица за обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април

Пет лица се уапсени по наредба на јавното обвинителство во врска со обидот за убиство на пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, за време на насилствата во Собранието од 27 април оваа година.

Како што информираат од Обвинителството, донесена е наредба за проширување на истрагата за случајот против уште пет лица, кои се уапсени синоќа, при претресот во нивните домови.

„Во врска со постапката што се води во Основното јавно обвинителство Скопје за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април и нападот врз Зијадин Села, надлежен јавен обвинител донесе наредба за проширување на истрага за уште пет лица за обид за убиство во соизвршителство, од член 123, во врска со член 19 и во врска со член 22 од Кривичниот законик. Петте лица, по барање на надлежен јавен обвинител, се лишени од слобода при вршење претрес во нивните домови“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Оттаму информираат дека во текот на денешниот ден Обвинителството ќе презема дејства и кон „други лица“.

Претходно за обидот за убиство на Села беа уапсени две лица – татко и син, кои во моментов се во притвор.