Македонија Уапсени се сите осуммина осомничени за упадот во М-НАВ

Уапсени се сите осуммина осомничени за упадот во М-НАВ

Петтиот осомничен, кој беше во бегство, беше уапсен во саботата во обид да ја напушти државата. И тој доби мерка куќен притвор, која по жалбата на обвинителството, денеска беше преиначена во затворски притвор

Фото: Мета.мк

Лишени од слобода се сите осуммина кои се сомничат за загрозување на воздушниот сообраќај, за упадот во М-НАВ, соопшти Јавното обвинителство.

„Во врска со предметот за случувањата во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје ја известува јавноста дека до овој момент лишени од слобода се сите осум лица опфатени со Наредбата за спроведување истражна постапка за кривично дело – Загрозување на воздушниот сообраќај. Освен петте лица за кои претходно информиравме, беше поднесен предлог за определување мерка притвор за уште три лица“, велат од обвинителството.

Претходно, уапсени за упадот во М-НАВ беа четворица, меѓу кои и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на чаирскиот огранок на ДУИ. Ним им беа одредени само мерки за претпазливост, но по жалбата на Јавното обвинителство, им беше изречена мерка куќен притвор.

Петтиот осомничен, кој беше во бегство, беше уапсен во саботата во обид да ја напушти државата. И тој доби мерка куќен притвор, која по жалбата на обвинителството, денеска беше преиначена во затворски притвор.

На двајца од останатите осомничени судијата на претходна постапка денеска им определил мерка куќен притвор, на која обвинителството вложило жалба, додека за последниот осомничен се очекува одлуката на судот по предлогот на надлежниот обвинител.

Инцидентот во М-НАВ се случи на 4 јануари годинава, кога осум лица упаднаа во канцелариите на Македонска навигација на аеродромот во Скопје и нападнаа контролор на летање, а откако Синдикатот на контролорите на летање се „крена на нозе“ поради несоодветна селекција на кандидати на оглас за нови вработувања и обвинија за партизација.