Македонија Уапсен тинејџер од Тетово за организирање борби со кучиња

Уапсен тинејџер од Тетово за организирање борби со кучиња

Едно од кучињата со видливи повреди било пронајдено во напуштена куќа во тетовско Селце, по што било предадено на Агенцијата за храна и ветеринарство

Долго време активистите и невладините организации бараат да се стави крај на организираните борби меѓу кучиња за забава и профит кои се сметаат за кривично дело „мачење животни“.

По голем број вирални фотографии и видеа на социјални мрежи од организирани борби со кучиња, вчера полицијата во тетовско Лавце го лишила од слобода 19-годишниот Х.Х. поради сомнение дека заедно со уште две други лица бил инволвиран во мачењето на животни.

Едно од кучињата со видливи повреди било пронајдено во напуштена куќа во тетовско Селце, по што било предадено на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Станува збор за случај кој беше објавен на социјалните мрежи, а имаше жестоки реакции од јавноста.

Здруженијата за заштита на животни досега многу пати апелираа и бараа одговорност за борбите со кучиња, па дури и јавно ги објавуваа локациите каде што се одвиваат, со барање од Министерството за внатрешни работи да се преземат соодветни дејствија за ваквиот црн бизнис.