Економија УЈП од денеска ќе почне со контролите на фирмите и лицата поврзани...

УЈП од денеска ќе почне со контролите на фирмите и лицата поврзани со „Рекет“

Како што најави директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска УЈП од денеска почнува со контролите во фирмите на Бојан Јовановски и кај физичките и правните лица поврзани со случајот „Рекет“.

– Ќе постапиме во делот кој се однесува на даноците. Ќе ги контролираме Меѓународниот сојуз, „1ТВ“, „БМЈ груп“ и сите останати даночни обврзници за кои преку анализите сме утврдиле дека постоеле одредени деловни односи и соработка. Ќе направиме и контрола на сите засегнати физички лица во телата и органите на Меѓународниот сојуз за кои ќе ги утврдиме и исплатите кои се правени – рече Лукаревска на завчерашната прес-конференција.

Таа прецизира дека физичките лица ќе бидат контролирани по основ на остварените приходи и по основ на Законот за персонален данок, а останатите даночни обврзници преку ДДВ, данок на добивка, пресметки, деловни односи, задржан данок.

-Преку исплатите што ги правел Меѓународниот сојуз ќе видиме на чија сметка од физичките лица се легнати тие пари и дали воопшто се пријавени. Доколку се утврдат даночни затајувања УЈП ќе започне постапки за потекло на имот – додаде Лукаревска.