Свет Балкан Турција упати протестна нота до Холандија

Турција упати протестна нота до Холандија

Официјална Анкара денеска на холандскиот дипломатски претставник во Турција му врачи нота со која протестира поради акцијата на полицијата во Ротердам, против „турските демонстранти во текот на изминатиот викенд“.

Во протестната нота, како што соопшти турското МНР, се наведува дека полициската интервенција била несразмерна и се бараат правни мерки поради непримерното однесување на полицајците.

Холандската полиција вчера со употреба на водени топови и полициски кучиња, ги растера неколкуте стотици демонстранти, кои со турски знамиња протестира пред конзулатот на Турција во Ротердам поради забраната турски министри да учествуваат на собири на Турците во градот.

Холандските власти велат дека полицијата интервенирала откако демонстраните почнале да фрлаат шишиња и камења кон полицајците.

Протестите следеа откако холандските власти во саботата не дозволија шефот на турската дипломатија, Мевљут Чавушоглу, да слета во земјата. Подоцна од Холандија беше протерана и турската министерка за семејни прашања, Фатма Бетул Сајан Каја. Тие требаше да говорат на собири што ги организираат властите од Анкара, за да ги поттикнат Турците во странство да гласаат на референдумот за уставни измени, со кои треба да се зголемат надлежностите на шефот на турската држава.

Холандското МНР денеска упати предупредување до Холанѓаните што живеат и престојуваат во Турција да внимаваат на својата безбедност, поради зголемените тензии во односите меѓу Анкара и Хаг.