Свет Свет Турција: Ослободувањето на Рака со помош на Курдите може да предизвика нови...

Турција: Ослободувањето на Рака со помош на Курдите може да предизвика нови судири

Офанзивата која е поведена за ослободување на сирискиот град Рака од Исламска држава, со помош на курдските борци, може да предизвика етнички судири, изјави висок претставник на Турција и предупреди дека операциите не треба да предизвикаат нови судири.

Претставникот, кој побарал да остане анонимен, рекол дека група поврзана со Сириските демократски сили (СДС), која ја поддржуваат Курдите, и курдската милиција не се повлекле од сирискиот град Манбиџ, западно од реката Еуфрат, без разлика на ветувањата.

Турција ја смета курдската милиција за непријателска сила поради поврзаноста со курдските милитанти, за разлика од Вашингтон кој ги смета за верен и ефикасен сојузник во борбата против Исламската држава во Сирија.

Турскиот претставник изјави дека турскиот упад во Сирија „може да потрае со години доколку се покаже дека е потребно“ и додаде дека е „невозможно Турција да се откаже од барањата за екстрадиција на Фетулах Ѓулен“.

Истиот извор навел дека Турција и Израел ќе именуваат амбасадори во следните десет дена во рамки на нормализирањето на односите. Тој исто така рече дека очекува воведување на безвизен режим за граѓаните на Турција пред истекот на годинава.