Дописници Туристите од Албанија ги заменија Грците на Пелистер

Туристите од Албанија ги заменија Грците на Пелистер

Последниве години, откако гостите од Грција го загубија интересот да се одмораат на Пелистер, сè помасовни се посетите на туристи од соседна Албанија. И оваа година, Албанците веќе го пикирале хотелот „Молика“ за прослава на католички Божик и за Василица, Стара нова година.

– Веќе имаме резарвации за тури од Албанија за 12 декември, кај нив е празник , па групи доаѓаат цел викенд во нашиот хотел. Исто така, тие се заинтересирани  да ги поминат престојните верски празници на Пелистер. Последните години хотелот е најпосетен од туристи од Албанија, Полска и од Словенија, а, за разлика од порано, сè поретки се гостите од Грција – вели Мирјана Митревска, директорка на хотелот „Молика“.   
Хотелот „Молика“, кој работи под капата на ЕЛЕМ, ќе инвестира околу 2 милиони евра за реновирање на објектот и за изградба на нова конференциска сала за сто учесници, базен и сауна.
– Хотелот ќе се доградува на задниот дел со нови содржани, инвестицијата е обезбедена, се прави проектот, се надеваме дека тоа ќе ни донесе уште повеќе туристи на Пелистер – вели Митревска.
Во моментов се прават и последните проби и подготовки за жичарницата „Копанки“ и ски-лифтот. Она на што се надеваат од хотелот „Молика“ е дека оваа зима ќе има доволно снег посетителите да уживаат во убавините на планината и во белите спортови.

А.Б.