Дописници Турчин бара македонско државјанство за да биде погребан во Штип

Турчин бара македонско државјанство за да биде погребан во Штип

Во поодмината возраст, на 85 години, некогашниот жител на Штип, Карман Четин, деновиве допатува од Истанбул со едно барање – да добие македонско државјанство. Овој витален старец сака да биде погребан покрај своите родители и другите претци, кои живееле на овие простори. Поради тоа, деновиве, заедно со подалечните роднини, кои останале да живеат во Штип, подготвува документација за да го добие државјанството.

Четин вели дека помладите членови на неговото семејство не можат да ја разберат оваа негова желба бидејќи тие се родиле и живеат во Турција, која е единствена нивна татковина. Но, не и за Четин, кој сè уште ги памети своите пријатели Македонци.

Овој Турчин, роден штипјанец, заборавил да го зборува македонскиот јазик, но го разбира. Со помош на својот роднина, раскажува како го памети времето на партизаните, кога како многу мал, им носел вода на борците во околната шума.

– Им носев леб на партизаните. Тошо Арсов пред мене го убија – раскажува Четин.

Семејството на овој жител на Истанбул се иселило во 1957 година, во времето на масовното заминување на турските семејства од овие простори. Штип е еден од градовите од каде се иселија илјадници Турци во само неколку месеци. Според податоците, од Македонија во Турција се иселиле околу 450.000 луѓе.
Законот е на страна на Карман Четин, кој со фактот дека се родил во Штип, може да добие македонско државјанство.