Македонија „Цивил“: Во Гевгелија гласањето до 17 часот без поголеми проблеми

„Цивил“: Во Гевгелија гласањето до 17 часот без поголеми проблеми

Недоволна информираност на граѓаните за референдумското прашање и за процедурите за спроведување на референдумот, помали пропусти во работата на избирачките одбори,  како и проблеми со избирачкиот список, се клучните забелешки на набљудувачите на „Цивил“ – Центар за слобода за текот на референдумот во Гевгелија до 17 часот.

Референдумот во Гевгелија, што треба да донесе решение дали Општина Гевгелија ќе дозволи отворање рудници или не, според информациите на надзорниот тим на „Цивил“ – Центар за слобода, почнал со навремено отворање на сите 37 избирачки места.

Досега, според извештаите на набљудувачите, заклучно со 17 часот, референдумот поминал во мирна атмосфера.

„Од ОИК Гевгелија известија дека излезноста до 13 часот е околу 40 отсто. Според неофицијални податоци од нашите набљудувачи, излезноста на референдумот на повеќе избирачки места во Гевгелија до 17 часот надминала 50 отсто од регистрираните гласачи во општината“, известија од „Цивил“.

Право на изјаснување на референдумот имаат нешто повеќе од 19.000 жители на Општина Гевгелија, на 37 избирачки места.