Македонија „Цивил“ изразува згрозување од крајно дрскиот, непрофесионален и неетички настап на Латас

„Цивил“ изразува згрозување од крајно дрскиот, непрофесионален и неетички настап на Латас

Невладината организација „Цивил“ изразува згрозување од „крајно дрскиот, арогантен, непрофесионален и неетички настап на главниот уредник на телевизија „Сител“, Драган Павловиќ – Латас, кога во програмата беше поканет опозицискиот лидер Зоран Заев“.

– Во својот монолог, Латас во целост ги разобличи своите сопствени позиции на послушник на власта. Притоа, уредникот на оваа телевизија со национална концесија ги откри и своите националистички и расистички определби и упати директни навреди на адреса на својот гостин и против меѓународната зедница – се вели во реакцијата на „Цивил“.

Во соопштението се додава дека Латас во ниеден момент не поставил вистинско прашање, ниту дозволил неговиот соговорник да одговори.

– Тој го нарече својот соговорник изрод, дека политичар како него нема ни во Африка, ни на Марс, а круна на сето тоа беше неговата навредлива квалификација на етничка основа против Турците, со изјавата дека „лаже како Турчин“… Со уличен речник, недолично и безобразно, главниот уредник Латас се обиде да го понижи и навреди својот соговорник, но единствено што успеа е да ја понижи телевизијата за која работи, како и да покаже колку низок, неморален и непрофесионален е медиумскиот простор кој е под цврста контрола на власта – се вели во соопштението на „Цивил“.

Од организацијата ја повикуваат јавноста и граѓанското општество најостро да го осудат овој немил акт на неморално и непрофесионално однесување.

– Во нормална и демократска земја, овој настап би бил и законски санкциониран, но тоа во овие услови е тешко да се очекува – се додава во реакцијата на „Цивил“.