Свет Балкан Ципрас од Меркел денеска ќе бара свежи пари и репарации од Втората...

Ципрас од Меркел денеска ќе бара свежи пари и репарации од Втората светска војна

На денешната тет-а-тет средба со германската канцеларка Ангела Меркел, грчкиот премиер Алексис Ципрас доаѓа подготвен со листа реформи.

Ципрас на агендата ќе ги има реформите поврзани со грчката економија, развојот на приватизацијата, потребите за промена во јавната админситрација, нова даночна политика, справување со даночното затајување. Ципрас ќе биде подготвен да слушне германски предлози за тоа како да се развиваат и дополнат реформите, но без да прифати совет за нови мерки кои би довеле до намалување на платите и на пензиите. Како што пренесува „Весникот на новинарите“, Ципрас ќе настапи со став дека доста плаќал обичниот и посиромашниот народ и време е да платат оние кои воопшто и не ја почувствувале кризата. Втора клучна тема која Ципрас планира да ја покрене пред Меркел, ќе биде барањето за германски репарации од Втората светска војна, а ќе се разговара и за билатералните прашања и за можна соработка на различни нивоа.

Утринава „Фајненшал тајмс“ објави дека минатата недела грчкиот премиер испратил долго писмо до Меркел со кое го истакнува фактот дека Грција е можно да остане без пари за плати и за пензии и дека не би можела да ги изврши обврските за исплаќање на долгот доколку ЕУ не ѝ исплати финансиска помош.

Во писмото Ципрас забележува дека доколку се најде во ваква ситуација, Грција ќе мора да избере меѓу плаќање на обврските за долгот и исплаќање на социјалните придонеси во државата.

Ципрас остро го критикувал ставот на ЕУ и на Европската централна банка да се сопре финансиската помош кон Грција, истакнувајќи дека државата веќе се има обврзано на договорените реформи од 20 февруари.

Грчкиот премиер ја повикал Меркел да не дозволи грчкиот „мал проблем“ да стане „голем проблем за ЕУ“.

Двајцата премиери ќе се сретнат доцна попладнево во Берлин.