Хроника Цимерот на бездомникот од Битола е осомничен за неговото убиство

Цимерот на бездомникот од Битола е осомничен за неговото убиство

СВР Битола поднесе кривична пријава против П.А. (53) од Битола, поради постоење основан сомнеж дека извршил убиство.

Настанот се случил во текот на ноќта помеѓу 24 и 25 јануари, во неутврдено време, при што пријавениот со употреба на физичка сила и тврди предмети, на свиреп и подмолен начин, му нанел повеќе повреди по целото тело и на тој начин го лишил од живот С.Д. (48) од Битола, со кого заедно живеел во иста куќа на улицата 4 Ноември во Битола.

Пријавениот, со намера да го прикрие ова свирепо убиство, во времето околу 5.50 часот на 25 јануари, се упатил во соседната куќа, барајќи помош, кажувајќи дека непознати лица ги нападнале додека спиеле, по што истиот е хоспитализиран во Клиничка болница во Битола, поради укажување медицинска помош, заради повредите за кои изјавил дека настанале при тој напад.

На местото на настанот увид извршил јавен обвинител од Битола, како и увидна екипа од СВР Битола. Од увидот, од извршените вештачења, како и од разговорите со повеќе лица, вклучително и со пријавениот, констатирано е основано сомневање дека П.А. е сторител на кривичното дело.