Македонија Центарци се собраа да го гушнат ГТЦ пред референдумот в недела

Центарци се собраа да го гушнат ГТЦ пред референдумот в недела

Неколку стотини граѓани вечерва се собраа пред Градски трговски центар(ГТЦ) на концерт и на „големо гушкање“ на ГТЦ, пред референдумот кој ќе се одржи в недела, а на кој граѓаните на општина Центар ќе одлучуваат за изгледот на овој објект.

Настанот е организиран во рамките на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ и е последна активност пред референдумскиот молк, кој стапува на сила вечерва на полноќ.

Пред присутните граѓани ќе се обратат претставници на Асоцијацијата на архитекти на Република Македонија, претставници на невладиниот сектор кои ја подржаа иницијативата и истакнати граѓански активсти кои ќе им ги упатат последните пораки околу важноста да се зачува оригиналниот изглед на ГТЦ.

На концертот, во рамките на настанот, свој настап имаат групата „Флека“, Златко Ориѓански (со изведба на песни од претставата „Солун град на духови“), Ана Костовска и Симон Киселички, Бени и „Нон стоп“, како и „Самакутра бенд“.