Дописници Цело деноноќие се гаснеше пожарот во Трботивиште

Цело деноноќие се гаснеше пожарот во Трботивиште

Цели 22 часа се гаснеше пожарот над делчевските села Трботивиште и Нов Истевник. Пожарот што избувна вчера по 11 часот е локализиран денеска околу 9.30 часот.  Голем број на жители од двете села им се придружиле на пожарникарите, кои со часови не успеваа да го локализираат.

Според сведочењето на жителите, огнот бил забележан близу една од вилите, по што брзо се проширил и ја зафатил блиската шума. Синоќа од сите страни се гледаа распламтените дрвја, кои интензивно гореа.

Речиси во исто време пожар избувна и во пехчевскиот регион, во Равноборје и Мускови Чешми, каде здружено огнот го гаснеа пожарникарите од Берово и Виница, помогнати од работниците на две комунални претпријатија и ЈП „Македонски шуми“. И таму пожарот е изгаснат.

Иако сме далеку од летото, пожарите во Источна Македонија  последните десетина дена се честа  појава. Прстот е вперен кон земјоделците, кои и покрај забраната и брoјните апели ги палат стрништата пред почетокот на сезонските работи. Најтешко е во Овче Поле, каде гореа повеќе хектари стрништа, но и нискостеблеста шума.