Македонија „Труд“: Македонија дава до 35 евра за бугарски турист

„Труд“: Македонија дава до 35 евра за бугарски турист

Македонската влада ги субвенционира бугарските тур-оператори кои организираат групни патувања во Македонија, соопшти вчера во Софија, Кристијан Џамбазовски, директор на македонската Агенцијата за промоција и развој на туризмот.

– Субвенции се даваат за организиран туризам кон Македонија, со автобус, воз и со авион. Сите форми на транспорт се опфатени – посочи за бугарскиот весник „Труд“ Џамбазовски, кој присуствува на меѓународниот саем „Одмори и спа“.

Весникот наведува дека бугарски тур-оператори кои организираат патувања со повеќе од 10 туристи, ќе добијат право на субвенционирање.

– Кога групата е со повеќе од 10 туристи и има повеќе од три посети во Македонија, тур-операторите имаат право на субвенции. За автобуска екскурзија, субвенцијата е 10 евра по посетител – изјави Џамбазовски, додавајќи дека на овој начин цената за туристите станува пониска, а понудите на тур-операторот поконкурентни.

Македонија дава субвенција и за авионски патувања, доколку тур-операторот организирал барем седум лета со групи од повеќе од 10 лица, пишува „Труд“.

– Триесет и пет евра по турист ќе добие тур-операторот кој организира чартер-лет од Софија, Пловдив или Варна или воведува редовна линија – рече Џамбазовски.

Од 2009 до 2014 година забележан е пораст на бугарските туристи во Македонија од 27 отсто, наведува „Труд“, додавајќи дека досега 30.000 Бугари ја посетиле Македонија.