Економија Трошоците на живот за една година се зголемиле за 0,7 отсто

Трошоците на живот за една година се зголемиле за 0,7 отсто

Индексот на трошоците на живот во февруари 2020 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100,1, а индексот на цените на мало 99,7. Или, за еден месец трошоците пораснале за 0,1, а инфлацијата паднала за 0,3 отсто, објави Државниот завод за статистика. Додека на годишно ниво, минатиот месец во споредба со февруари 2019 година, индексот на трошоци на живот е зголемен за 0,7 отсто, а инфлацијата или индексот на цените на мало забележале зголемување од 0,5 отсто.

Зголемен индекс на трошоците на живот во февруари оваа година, во споредба со претходниот месец, статистиката забележала кај свежото и разладеното овошје за 2,6 отсто, свежиот и разладениот зеленчук за 2,1 отсто, маслото и маснотиите за 1,6 отсто, месото, млекото, пивото за 0,8 отсто, рибата и морските плодови за 0,7 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,6 отсто, безалкохолните пијалаци, жестоките пијалаци за 0,5 отсто, јогуртот, сирењето и урдата, јајцата за 0,3  отсто и виното за 0,2 отсто.

Во минатиот месец, исто така, статистиката регистрира пораст на индексите на трошоци на животот кај информатичката опрема за обработка на податоци и тоа за 3,2 отсто, моторните возила за 3,1 отсто, снабдувањето со вода за 1,9 отсто отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 1,7 отсто, собирањето на отпадните води за 1,4 отсто, гасот за домаќинствата за 1,3 отсто, патниот патнички транспорт за 0,9 отсто, угостителските услуги за 0,6 отсто и друго.

Намалување на трошоците, пак, во споредба со претходниот месец, е забележано кај замрзнатото овошје за 0,4 отсто, прехранбените производи, неспоменати на друго место, за 0,3 отсто, другите пекарски производи за 0,2 отсто, потоа кај воздухопловниот патнички транспорт за 11,3 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 10,7 отсто, течните горива за домаќинствата за 7,7 отсто, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 3,1 отсто, услугите за сместување за 2,6 отсто и друго.

ДЗС ги пресметува индексите на трошоците за живот и на цените на мало според COICOP (Classification of Individual Consumption by Purpose), како меѓународен стандард, кој претставува класификација на личната потрошувачка по намена. Оваа класификација ја користат членките на ЕУ за пресметување на хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP-Harmonised Index of Consumer Prices), кој се користи како индикатор за инфлација.