Свет Балкан Тридневна жалост за загинатите во поплавите во Босна, се трага по 15...

Тридневна жалост за загинатите во поплавите во Босна, се трага по 15 исчезнати лица

Со одлука на локалните власти, денови на жалост се денеска, утре и вторник

фото: социјална мрежа „Х“

По разорните поплави во делови на Босна и Херцеговина, во кои загинаа најмалку 18 лица, општина Јабланица прогласи тридневна жалост, јавува босанската телевизија БХРТ. Со одлука на локалните власти, денови на жалост се денеска, утре и вторник. Најмногу загинале во Јабланица, 13, двајца во областа Коњиќ и три во Фојница. Покрај човечки жртви, поплавите предизвикаа и огромни материјални штети.

Спасувачите и денеска се на терен и трагаат по исчезнати лица. Беше побарана и меѓународна помош, а одговорија десет земји од регионот и Европската Унија. Во обид да му се помогнат на настраданото население, спасувачки тимови од Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија се вклучени во операциите за спасување, а најтешка е ситуацијата во Јабланица, Фојница, Крешево и Кисељак. Само на подрачјето на Јабланица и Коњиќ се трага по 10 до 15 лица.

Претходно, Босна и Херцеговина го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ (EUCPM) и тимови за одговор ќе пристигнат на местото на настанот, потврди шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Луиџи Сорека. Во катастрофалните поплави што ја зафатија земјата настрадаа најмалку 18 лица, а стотици останаа без покрив над главата. Дел од нив се сместуват во локални хотели и во Домот за стари лица во Јабланица, а  мнозинството и кај пријатели и роднини во станови и семејни куќи во Јабланица и Коњица. Штабот на ЦЗ на ХНК вчера обезбеди 80 кревети во спортската сала во Јабланица, во случај да има потреба од сместување на настраданите, а тие кревети сега спасувачите ги користат за ноќевање и одмор. Од вчера е воспоставена и патната комуникација меѓу Мостар и Јабланица, но исклучиво за возила на спасувачките служби и за итни случаи.