Подглавна секција Три години старо видео од протест против полската влада се претставува како...

Три години старо видео од протест против полската влада се претставува како протест против вакцините

Фото: принтскрин

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Во медиумите од регионот што шират дезинформации се појави видео од 2017 година од протестите во Полска кое е претставено како видео од протест против задолжителното вакцинирање. Видеото е од политичките протести во Полска пред три години против правната реформа што ја спроведе владејачката партија и ја наруши, како што порачуваат демонстрантите, независноста на судството. Тоа е сега претставено како масовен протест против задолжителното вакцинирање кој наводно се одржал неодамна. Видеото се распространува и во Грција, откако веќе се прошири во неколку балкански земји.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr ги анализираше и раскринка лажните тврдења за ова видео објавенo на неколку грчки веб-сајтови. Оттаму посочуваат дека видеото е објавено на 23 јули 2017 година, а протестот бил претходниот ден, во центарот на Варшава. Преку Google Street View е утврдено и дека е снимено од хотел.

Видеото е снимено и објавено во време кога се одржуваа политички протести против владата, па тврдењата дека на него се гледа проотест против вакцинирањето се целосна невистина, пишува ellinikahoaxes.gr.