Дописници „Три дена во септември“ премиерно прикажан во Охрид

„Три дена во септември“ премиерно прикажан во Охрид

Дебитантскиот игран филм на Даријан Пејовски во продукција на „Скопје филм студио“, синоќа ја доживеја охридската премиера како филм од официјалната селекција на годинешното издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.

„Три дена во септември“ е психолошки трилер, во кој двата главни женски ликови, преку меѓусебниот однос, ги разоткриваат своите тајни и трауми. Бегајќи од своето минато, Марика ја запознава Јана, која патува кон куќата од своето детство, сместена во изолиран планински крај. Тоа е совршено засолниште за Марика, сè додека не се појави локалниот полицаец Генц, кој ќе поттикне сомнеж за вистинските намери нa двете жени.

Улогите ги толкуваат: Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Милица Стојанова, Салаетин Билал, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Крјезиу, Ментор Зимберај, Блерим Черичи.

Сценариото го напишаа Даријан Пејовски и Игор Иванов, а директор на фотографија е Димо Попов.