Здравје Tрет случај на конго-кримска хеморагична треска, заболен 42-годишен велешанец

Tрет случај на конго-кримска хеморагична треска, заболен 42-годишен велешанец

Пред да побара помош во Општата болница во Велес, пациентот имал симптоми на покачена температура до 38 степени, главоболка, болка по телото, малаксаност и обилно потење

Фото: Архива на Мета.мк

Велешанец на возраст од 42 години е третиот пациент кој заболел од конго-кримска хеморагична треска, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Оттаму велат дека во моментов, пациентот е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и е во стабилна општа состојба.

„Заболеното лице е маж на возраст од 42 години, од Велес, трансфериран на Клиниката од општа болница Велес, истиот ден. Почетокот на симптомите на покачена температура до 38 степени, главоболка, болка по телото, малаксаност и обилно потење, е 5 дена пред преглед во општата болница во Велес. Веднаш е известен ЦЈЗ Велес да формира тим кој направи епидемиолошка анкета на заболениот, проценка на ризик во семејството и на лицата кои биле во контакт во здравствените установи“, наведено е во информацијата од ИЈЗ.

Во земјава досега се регистрирани вкупно три случаи со оваа болест. Првиот случај беше 27-годишна пациентка која почина, а од неа се зарази болничарка на Клиниката за инфективни болести, која се лекува на клиниката. Таа веќе неколку дена го прима лекот Рибаривин, кој беше набавен од странство, а се користи при тешки клинички слики на болеста.