Свет Трамп: Ниту еден компјутер не е сигурен

Трамп: Ниту еден компјутер не е сигурен

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ниту еден компјутер не е безбеден кога станува збор за приватност на податоците.

Тој изрази скептицизам во поглед на безбедноста на интернет-комуникацијата која неговата администрација ќе ја користи секојдневно во планирањето на меѓународните односи.

Трамп на новинарите на новогодишната прослава што ја организираше на својот имот во Флорида, им рече дека ретко користи електронска пошта и компјутер, иако често твита.

Тој истакна дека повеќе доверба има во пораки кои ги пишува рачно.

– Ако нешто навистина ви е важно, ќе го напишете и ќе го испратите преку курирска служба, на старомоден начин. Затоа што, да ви кажам нешто, ниту еден компјутер не е безбеден – рече Трамп.

Новоизбраниот претседател на САД повеќепати ги отфрли тврдењата на американските разузнавачки агенции дека Русија се обидела да влијае на претседателските избори преку хакирање.

Тој најави дека следната недела ќе се сретне со официјални лица од разузнавачките агенции за да дознае повеќе за тие тврдења, истакнувајќи дека сака американските власти „да бидат сигурни во обвинувањата кои се прилично сериозни“.

Пред два дена Трамп истакна жалење поради компликациите што ги носи „ерата на компјутерите“ и соопшти дека компјутерите „значително ги комплицираат животите на луѓето“.