Македонија ТМРО се противи на спомен-плочата на српската војска во Штип

ТМРО се противи на спомен-плочата на српската војска во Штип

Партијата ТМРО го смета за „перверзија“ откривањето на спомен-обележјето на паднатите српски борци во Штип.

– Српската војска за време на Балканските војни во 1913 година беше окупаторска на македонската земја и секакво спомен-обележје на окупатор за одбележување на неговите злосторства е перверзија. ТМРО бара објаснување од градоначалникот на Општина Штип, по кој повод и зошто се одбележа Брегалничката битка од 1913 година, во која најголемиот број загинати беа Македонци, насилно регрутирани и во српската и во бугарската војска, со еден збор, во братоубиствена војна. По таа логика, која е смислата да се величи српската окупација и да се прикажува ослободителна и кој е поробувачот во овој случај“, реагираат од ТМРО.

На откривањето на спомен-плочата минатиот понеделник, градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, рече дека плочата се открива на местото на спомен-костурница во сеќавање на загинати 6000 српски војници.

– Македонија е отворена земја, со Република Србија имаме навистина фантастична соработка. Штип има соработка со голем број градови од Србија. Спомен-плочата ни претставува, на некој начин, тема за идна соработка. Ќе доаѓаат потомците на загинатите, ќе го посетуваат нашиот град. Денеска е значаен ден за македонско-српското пријателство – изјави Захариев.

На свеченоста што беше организирана од Општината и од Друштвото за македонско-српско пријателство, поголем дел од официјалната церемонија се одвиваше на српски јазик во присуство на министерот во српската влада, Александар Вулин.