Македонија Тимотеј: Одлуката на Вселенската патријаршија отвора пат за признавање на МПЦ-ОА

Тимотеј: Одлуката на Вселенската патријаршија отвора пат за признавање на МПЦ-ОА

МПЦ е подготвена за разговор со Цариград за изнаоѓање пат и начин за решавaње на македонското црковно прашање, вели владиката Тимотеј за Радио Слободна Европа, во врска со одлуката што ја донесе Вселенската патријаршија на соборот во Истанбул од 1 до 3 септември, да објавува независност на црквите и без согласност на останатите православни цркви.

Според митрополитот дебарско-кичевски и плаошки, Тимотеј, со тоа ќе биде отворен патот за признавање на МПЦ-ОА од сите други помесни православни цркви.

Единствениот проблем би можел да се појави со Руската православна црква и со Српската православна црква (СПЦ). Вселенската патријаршија реши да се прогласи за авторитет што ќе го издава томосот за независност. Претходно во Истанбул имаше тензична средба меѓу рускиот патријарх Кирил и Вартоломеј и обид на Руската црква да спречи томос за украинската и македонската црква. И СПЦ најверојатно ќе се спротивстави на тоа, вели владиката Тимотеј.

– Тоа ќе значи дека МПЦ ќе биде призната од најголем дел од православните цркви како рамноправна православна црква која ќе може да сослужува и ќе може да комуницира на рамноправна основа, а дали ќе биде СПЦ или некоја уште со неа согласна или не тоа не треба да не вознемирува зашто ова не го решаваме ние, туку го решава Вселенската патријаршија која е прва по чест, но не само по чест туку има и некоја власт ако си прв. А тие одлучија да дадат онаму каде подолго време тлее црковен проблем и мајката црква на канонски начин не сака да го реши тоа, а другите православни цркви кои се наоѓаат во таква состојба бараат помош од Цариград како апелација на некој начин и велат дека ние сме повикани да им помогнеме на тие цркви и на тие народи и во тој поглед одговорноста ја презема цариградската патријаршија, а не МПЦ – вели владиката Тимотеј во изјава за Радио Слободна Европа.