Македонија Тетовци се жалат на нечисти улици, за власта состојбата е задоволителна

Тетовци се жалат на нечисти улици, за власта состојбата е задоволителна

Граѓаните на Тетово се жалат дека споредните улици во градот не се мијат и чистат колку што е потребно, а локалните власти велат дека улиците се одржуваат секој ден и нивната состојба е задоволителна.

Граѓаните коишто ги контактира „Порталб.мк“, велат дека споредните улици се нечисти поради ниското ниво на одржување од страна на властите, но и поради жителите, кои фрлаат отпадоци насекаде низ градот.

– Не можам да кажам дека улиците се чисти, имаме отпадоци, одговорноста е на општината, но и на граѓаните бидејќи се многу неодговорни. Гледам како се фрлаат отпадоци, но и да сакаш да ги фрлиш како што треба, нема можност бидејќи нема ниту една корпа за отпадоци – вели тетовецот Венхар Исени за „Порталб.мк“.

Тетовци имаат можност да пријават потреба од чистење на улиците на фиксниот број 044 331 167, но и на бесплатниот телефонски број – 0800 808 10. Но граѓанин вели дека имаат тешкотии да ги контактираат локалните органи, кога имаат потреба да побараат чистење и миење на одредени улици.

– Уличната чистота не е на потребното ниво на кое треба да биде. А кога има улици кои треба да се мијат и исчистат, не можеме да стапиме во контакт со јавното претпријатие. Тоа се случува особено во текот на викендите – вели Абедин Селмани.

Директорот на Јавното комунално претпријатие „Тетово“, Џелал Цека, вели дека улиците се чистат секојдневно и дека чистотата на улиците е на задоволително ниво. Апелира до граѓаните да бидат внимателни и да не фрлаат отпадоци.

– Улиците во градот на Тетово секојдневно се чистат, во текот на третата смена се ангажирани 12 вработени кои ги чистат главните улици на градот и булеварите, а во текот на денот ги одржуваат парковите. Миењето на улиците се врши во текот на ноќните часови, за што се наменети две цистерни. Мислам дека нивото на чистота во улиците е на задоволително ниво, но секогаш апелираме до граѓаните да не фрлаат ни догорчиња од цигари ниту пак отпадоци по улиците – вели Цека за „Порталб.мк“.