Дописници Тетовското кале и неговата околина заборавени од градските власти

Тетовското кале и неговата околина заборавени од градските власти

Ридот Балтепе, Тетовското кале и пределот кој води кон ова излетничко-рекреативно место, речиси две децении ултрамаратонецот Адем Селмани ги користи како места каде ги одржува своите тренинзи. На почетокот од својата спортска кариера тренирал и во градот, но сега вели дека во Тетово нема места за одмор и за рекреација, па овие предели се единствените што спортистите можат да ги искориристат за одржување тренинзи.

– Цел град е узурпиран. Во Тетово има само бетон, асфалт и згради, затоа овие предели се единствените каде тренираме – вели Селмани.

Тој додава дека во последно време и овие предели се уништуваат од несовесни граѓани, а институциите не преземаат никакви мерки. Смета дека властите треба повеќе да поработат на заштита на калето, каде може да се изградат и неколку спортски терени.

– Тука се фрла смет и долж патот кој води кон калето се градат големи зданија, сега и овој слободен простор кој ни остана, сакаат да го задушат. Мора институциите да преземат соодветни мерки и да ги казнат тие што го загадуваат и го узурпираат овој простор – апелира Селмани.

Селмани во моментов се подготвува за јубилејниoт 30. Белградски маратон, кој треба да се одржи следниот месец.