Свет Балкан Телото на рускиот пилот префрлено во Турција и наскоро ќе биде транспортирано...

Телото на рускиот пилот префрлено во Турција и наскоро ќе биде транспортирано во Москва

Телото на рускиот пилот кој беше убиен по соборувањето на авионот-бомбардер од типот „су-24“ во вторникот на турско-сириската граница, пристигнало во Турција и наскоро треба да биде пренесено во Русија, изјавил денеска на прес-конференција турскиот премиер, Ахмед Давутоглу, јавува „Раша тудеј“.

Тој изјавил дека со телото на пилотот се постапува во согласност со традициите на православното христијанство.

Пренесувањето на телото за агенцијата ТАСС го потврдиле и од руската амбасада во Анкара.

„Во врска со трансферот на телото на пилотот на авиниот „су-24“ во Русија, засега нема одредено точен датум и време. Телото во текот на денешниот ден ќе биде донесено во Анкара, по што ќе биде јасно кога ќе биде испратено во Русија“, ја пренесува „Раша тудеј“ изјавата на портпаролот на руската амбасада во Анкара, Игор Митјаков.

Рускиот „су-24“ беше соборен во вторникот неделава, со проектил воздух-воздух истрелан од авион „ф-16“, на турското воено воздухопловство.

Еден од пилотите, како што пренесуваат медиумите, бил убиен од сириските бунтовници додека се спуштал со подобранот, додека другиот беше спасен и вратен во руската воена база Хмеимим, во Сирија.

Инцидентот сериозно ги заостри односите меѓу Русија и Турција. Рускиот претседател како одговор за инцидентот, синоќа го потпиша декретот за воведување економски санкции кон Турција.

Според „Раша тудеј“ засега останува нејасно како Турција успеала да го преземе телото од сириските милитанти.