Економија Техничките професии обезбедуваат работно место и добра заработувачка

Техничките професии обезбедуваат работно место и добра заработувачка

Недостигот од средно-стручен и квалификуван кадар претставува проблем со кој континуирано се соочуваат поголем дел од компаниите во Македонија, беше истакнато денска во Стопанската комора на Македонија.

Во таа насока, последните две години активностите на комората беа насочени кон активно вклучување во организирањето обуки за преквалификација и за доквалификација на стручен кадар што ѝ е потребен на бизнис-заедницатa.

– Во моментот, Бизнис-центарот има вкупно 13 верифицирани програми од различни области, кои покриваат побарувани занимања на пазарот на трудот: готвач во угостителски објект, келнер – гастроном, фасадер, гипс-монтер, монтер за сувомонтажни елементи, аргон-заварувач, шивач во конфекциска индустрија, фризер, монтер за водоводна и за санитарна инсталација, туристичко-агенциски службеник, службеник во книговодство, рецепционер и изработувач на бели печива – истакна Анета Трајковска од Стопанска комора.

Според директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, секогаш ќе има работа за занаетчиите и, воопшто, за техничките кадри.

– Повеќе од 70 отсто од објавените огласи се барања за вработување технички кадри. Но, ни фали и маркетинг. Имаме професии кои се многу платени, но младите не се во тек дека со нив може да се заработи. И на тоа треба особено да се работи – изјави Поповски.