Македонија ТЕЦ „Неготино“ почна да работи во полн капацитет

ТЕЦ „Неготино“ почна да работи во полн капацитет

Термоелектрана „Неготино“; Фото: Мета.мк

Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) го вклучи во функција и вториот котел во ТЕЦ „Неготино“ и термоелектраната во моментот работи со полн капацитет. Вториот котел е синхронизиран на мрежа пред 42 часа, по сите протоколи на вклучување, односно по првично стабилизирање на системот со работа со еден котел, информираат од АД ЕСМ.

„Согласно планот за производство, ТЕЦ „Неготино“ треба непрекинато да работи со два котли до крајот на април. Покрај ТЕЦ „Неготино“, АД ЕСМ произведува преку два блока во РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“, гасната електрана Енергетика, хидроелектраните и ветерниот парк“, стои во соопштението на АД ЕСМ.

Од државната енергетска компанија велат дека прават подготовки за стартување и на Блок 3 во РЕК „Битола“, по пристигнувањето на носечката единица од трансформаторот.

„АД ЕСМ целосно од сопствено производство ги задоволува потребите за електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи, како и значаен дел од количините за дополнителни снабдувања по одлуки на Владата. Помал дел од количините за дополнителни снабдувања преку ЕСМ Продажба се набавуваат, а се однесуваат на последните мерки за снабдувања на училишта, јавни претпријатија и дел од стопанството“, информираат од АД ЕСМ.