Македонија Тасева: Индексот за перцепција на корупцијата е збир од различни меѓународни истражувања

Тасева: Индексот за перцепција на корупцијата е збир од различни меѓународни истражувања

„Слабиот резултат на Македонија укажува на потреба од зајакнување и од заштита на граѓанското општество, а не негово слабеење. Тоа е пораката на индексот за перцепција на корупцијата“, порача д-р Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернешнел“ – Македонија (ТИМ).

Организацијата што таа ја раководи, како и матичната организација, денеска реагираа на нападите против нив што се појавија во некои медиуми откако во средата беше објавен годишниот извештај за перцепцијата за корупцијата во јавниот сектор на „Транспаренси интернешнел“ (ТИ) и на ТИМ, според кој Македонија само за една година паднала 24 места подолу.

– Индексот за перцепција на корупцијата е збирен индекс, комбинација од различни меѓународни истражувања и оценувања за корупцијата, собрани од различни реномирани институции. Индексот влече податоци од тринаесет истражувања од различни независни институции, специјализирани за анализа на владеење и на бизнис-клима и опфаќаат оценки и видувања на бизнисмени. Ниту едно од овие истражувања не е направено од „Транспаренси интернешнл“ – се вели во реакцијата.

ТИ посочи и линк на кој може да се види листата на нејзините донатори.