Македонија Талески: СЈО е тенденциозно и без правни аргументи

Талески: СЈО е тенденциозно и без правни аргументи

Нема правни аргументи во истражната постапка на Специјалното јавно обвинителство, вели битолскиот градоначалник, Владимир Талески, во врска со новата истрага што денеска ја обелодени тимот на Катица Јанева во случајот „Транспортер“ за злоупотреба на средства за автобускиот превоз на учениците.

Попладнево Талески ги повика дел од медиумите на прес-конференција, на која даде изјава за наводите што ги изнесе СЈО во врска со случајот.

Според него, оваа истрага е тенденциозна, без аргументи бидејќи сè што работел тој и службите на Општината било законски.

Општината, рече Талески, ги организира само јавните набавки и тука завршуваат нејзините ингеренции, додека превозниците им фактурираат на училиштата. Потоа училиштата ги исплаќаат фактурите со блок-дотации од Министерството за финансии.

Талески изјави дека тој не барал да биде аболиран и немаше коментар за најавите на специјалните обвинители дека помилуваните за кои ќе се утврди дека незаконски се збогатиле ќе одговараат со својот имот, односно, дека тој ќе им биде конфискуван.