Култура „Свињарот“ на Андерсен, нова премиера на Охридскиот театар

„Свињарот“ на Андерсен, нова премиера на Охридскиот театар

Претставата „Свињарот“ од Ханс Христијан Андерсен, е новата премиера на Охридскиот театар која се игра во хуманитарни цели, а средствата собрани од билетите ќе бидат уплатени на жиро-сметката за жителите од поплавените подрачја во земјата.

Режијата е на Ѓорѓи Ризески, а играат Филип Кипровски, Билјана Билаловиќ, Сашо Ристовски и Елизабета Стефановска. Премиерата е закажана за сабота, 14 февруари, со почеток во 12 часот, на матичната сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“. Билетите за претставата се продаваат по цена од 100 денари.

– Љубовта е најсилното нешто во светот. Претстава е за искрената поради љубов која, ако се потцени, наместо најубави, се случуваат најлоши работи во животот. Направена е драматизација од самиот режисер на многу добро познатата бајка „Свињарот“ од Ханс Кристијан Андерсен. Претставата е за деца и за младинци. Темите што ги опфаќа ова дело се сериозни, всушност, тоа се проблеми со кои се соочуваат возрасните луѓе во денешниот свет. Станува збор за едукативна претстава, која ќе им даде до знаење на децата како не треба во животот да се постапува, а, од друга страна, ќе има даде позитивна слика за убавината, љубовта, добрината, всушност, за најважните работи во животот кои водат до среќа кај секој човек – вели режисерот Ѓорѓи Ризески.